Ракометниот клуб Охрид испиша историја и се пласираше во финалето на ЕХФ Купот, откако во драматичен двомеч го елиминираше Целје. Реваншот на домашен терен донесе вистинска неизвесност, а патникот во финалето беше решен дури по изведувањето пенали.
По големиот успех, свој осврт даде тренерот Борис Ројевиќ, кој не го криеше задоволството од прикажаното.
„Кога ќе се погледне натпреварот, ние практично игравме 60 минути со два бека, плус Иванковиќ кој не е во натпреварувачка форма, бидејќи не играше цела сезона. Исклучително е тешко два средни бека да го носат тимот против ривал кој има широка ротација и висок интензитет. Со играта седум на шест неколкупати успеавме да се вратиме, а публиката беше нашиот дополнителен ветер во грб. Сметам дека заслужено сме финалисти – одигравме два неверојатни меча и ова е огромна радост за целиот град“, изјави Ројевиќ.
Тој потенцираше дека повредите значително го отежнале патот до успехот.
„Да ги имавме на располагање Петриќ и Борозан, сигурно ќе беше многу полесно. Со ваква скратена ротација, навистина е подвиг да се извлече ваков резултат. Но, ние ќе продолжиме да се бориме до крај и да го даваме максимумот за клубот“, додаде стратегот.
Во финалето, Охрид ќе се соочи со унгарската Татабања, тим со сериозен буџет и квалитет.
„Татабања располага со буџет од неколку милиони евра, што доволно говори за нивниот квалитет. Ние веќе сме презадоволни од постигнатото, но ќе дадеме сè од себе и во финалето, па ќе видиме до каде можеме“, порача Ројевиќ.
Овој успех претставува историски момент за охридскиот клуб, особено ако се земат предвид бројните проблеми со повреди во текот на сезоната.

