Баум објасни зошто Шалке не победува: Ние сме како кечап, тешко излегува на почеток

Шалке 04 е како туба полна со кечап, тешко излегува на почеток, па се обидувате со удирање за да излезе и кога ќе успеете може да биде забавно, е интересното објаснување на тренерот Мануел Баум за долгата серија без победа на тимот од Гелзенкирхен.

Шалке 04 не успеа вчера да го победи Штутгарт и ја продолжи неверојатната серија од 22 меча без победа. Домаќините водеа со 1:0 и беа на прагот на првата победа по долг период, но Штутгарт израмни и освои бод.

„Во фаза сме кога ја удираме тубата со кечап од дното за да излезе. Кога ќе се случи тоа не знаеме, но потоа ќе течат успеси“, објасни Баум.

Кечапот на Шалке 04 никако да се излее, а сега веќе се споменува и неславниот бундеслигашки рекорд на Тасманија 1900 Берлин. Екипа која во сезоната 1965/66 имаше катастрофален биланс од само 10 освоени бодови, најмалку во историјата на германското првенство.

Гол-разликата им беше во минус од 93 гола, а имаа серија од 31 меч без победа. Клубот веќе не постои, згасна во 1973 година, но рекордот е запишан во историската книга на Бундеслигата.

Шалке 04 засега има два бода од шест натпревари на стартот од новото издание во Бундеслигата и вкупно е без триумф на 22 меча, шест од оваа сезона и 16 од ланското првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести