Бед блу бојс не смеат да дојдат во Скопје ако Шкупи го елиминира Линколн и игра со Динамо

Динамо Загреб ќе му биде противник на Шкупи во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите ако македонскиот првак претходно го мине Линколн од Гибралтар, а на реваншот хрватскиот првак би играл во Скопје без поддршка на своите навивачи.

УЕФА го казни Динамо Загреб со 30.000 евра и еден меч на гости без присуство на навивачите по инцидентот во Севилја, во февуари годинава, во меч од нокаут-фазата во Лигата на Европа.

Тогаш во Севилја пристигнаа околу 1.700 навивачи на Динамо, а направија инциденти и на стадионот „Рамон Санчес Писхуан“ и претходно кога се судрија со полицијата.

Казната ќе мора да се одработи во овој циклус на евронатпревари, што значи дека познатите Бед Блу Бојс, но и останатите симпатизери на Динамо нема да можат да допатуваат во Скопје ако Шкупи го елиминира Линколн Ред Импс од Гибралтар во првото квалификациско коло за настап во фазата по групи во Лигата на шампионите.

Динамо би бил домаќин на првиот меч што би се играл на 19 или 20 јули, а реваншот во Скопје е една седмица подоцна.

За првакот на Хрватска играат двајцата наши репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски.

 

- Оглас -

Најнови вести