Бејл денеска заминува за Лондон и ќе се подготвува за Шкендија

Велшанецот Герет Бејл денеска треба да отпатува за Лондон, каде што ќе ги мине лекарските тестови и потоа ќе потпише договор со Тотенхем, клубот за којшто би играл како позајмен во претстојната сезона. Најавите се дека Реал и Тотенхем ќе го плаќаат по половина.

Бејл вчера се простил од Реал Мадрид, но неофицијално, не се поздравил со сите колеги. Не се познати имињата на играчите со кои тој не сакал да се прости, но јасно е дека еден од неговите пријатели беше Лука Модриќ, кој исто така е ексчлен на Тотенхем и знае англиски. На Бејл шпанскиот му беше проблем иако седум години живееше во Мадрид.

И да биде официјализирана позајмицата денеска, не е за верување дека Бејл ќе дебитира уште задутре против Саутхемптон, во вторник играат со Лејтон ориент, но можно е да добие шанса в четврток во Скопје, кога лондонските Петли ќе се сретнат со тетовска Шкендија во квалификациите за Лигата на Европа. Бејл пред три години има играно во Скопје, тогаш како член на Реал Мадрид, и тоа против Манчестер јунајтед на Жозе Мурињо. Сега Мурињо и Бејл ќе бидат со здружени сили.

Освен Бејл, од Реал во Тотенхем треба да замине и младиот лев бек Серхио Регилон, но не е како позајмен, туку со регуларен трансфер кој би чинел околу 30 милиони евра, со клаузула дека мадриѓаните за една или две години би можеле да го купат за 40 милиони.

- Оглас -

Најнови вести