Бекни бе, ќе нѐ фати и Ковид-29

Фудбалските фактори во Македонија сè уште молчат и се без конкретен план кога и дали воопшто ќе продолжи сезоната број 28 во Првата лига.

Фудбалската федерација на Македонија сè уште не презентираше план со рокови кога и како ќе се доигра сезоната што е прекината поради Коронавирусот. Се одиграа 23 кола, за остатокот ќе видиме. Според молкот на ФФМ, кој, за жал, според распоредот на силите на теренот, е главен фактор дека во нашиот фудбал тешко ќе дочекаме издржан план, па дури и завршување на сезоната.

Здружение на прволигаши имаме, но како и да го немаме. Постои на хартија од самиот почеток на домашниот фудбал во самостојна Македонија, но никогаш не профункционира за да може самостојно да носи одлуки или по примерот на повеќето земји во Европа да раководи со домашните фудбалски лиги. И клубовите си молчат, фудбалерите не прашуваат ќе се игра ли фудбал за да се заврши сезоната 2019/20?

Само за споредба за да бидат работите многу појасни. Италија, Шпанија, Англија, Германија и Франција се меѓу најпогодените земји со Ковид-19, но кај нив и покрај многуте проблеми, заразени и починати од Коронавирусот постојано се калкулира со планови, датуми, ресурси како да се заврши сезоната. Едноставно кажано, и кога не се игра во Топ-5 фудбалските земји, и кога имаат огромни проблеми, фудбалот е жив.

Германците најавуваат рестарт за 9. мај, Италија ќе одлучува за судбината на Серија А на 21. април, Англичаните постојано дебатираат кога и како да се заврши сезоната, слично е и во Шпанија, Франција, Португалија, Турција… Само кај нас е на „кому иде“, стихијно, без никаков план што да се прави со најважната споредна работа на светот.

И така некако е цели 28 сезони. Владее молк, нема дебата, ниту решенија и планови за блиска и подалечна иднина. Се вртиме во еден ист круг без напредок, свежи идеи, инфраструктура, публика, резултати и интерес за домашен фудбал.

И сега во услови на пандемија не се смени ништо, па на макфудбалот таман ќе му легне една кованица од легендарната секвенца од култниот филм „Тетовирање“, а гласи вака некако: Ќе бекне ли некој, оти ќе нè фати и Ковид-29.

Кризата ќе мине, трошењето огромни пари повторно „кец у кец“ ќе биде 

Нормално е во услови на една од најголемите здравствени кризи во последните 100-тина години да има и економски последици, па и финансиски проблеми за клубовите, но голема утка е прогнозата дека трендот на скапите трансфери ќе сопре. Да, сега стравот е голем, неизвесноста лебди во воздух, но една од најголемите индустрии нема да се предаде така лесно. Фудбалот одамна е индустрија во која се вртат милијарди евра и тоа тешко дека ќе исчезне.

Можеби враќањето ќе оди побавно, но најважната споредна работа на светот ќе преживее бидејќи на своја страна има моќни адути. Интересот за фудбал не може да падне, а тој е планетарен и убедливо најголем во конкуренција на сите спортови. Парите од ТВ-права, маркетинг, влезници, продажба на дресови и најразлични предмети со клупски обележја се гаранција за неминовно закрепнување на фудбалската машинерија.

И, секако, многу брзо, веќе во преодниот рок што следува, кога и да биде поради продолжената сезона, повторно ќе има фантастични трансфери.

Интер не сака да ја пропушти историската шанса да го ангажира Лионел Меси, ако е можно тоа. Понудата е страшна, како што тврдат италијанските и шпанските медиуми, се движи и до 20 милиони евра месечна плата за асот на Барселона.

Манчестер јунајтед сака да го купи Хари Кејн и цената е вртоглава, околу 200 милиони евра. Баерн не сака да го пропушти Кај Хаверц, па ќе мора да плати 100 милиони евра во благајната на Баер Леверкузен. Тука се и Жадон Санчо, Феран Торес, Лаутаро Мартинес, Тимо Вернер, Калиду Кулибали, можеби и Килијан Мбапе, Нејмар, Кристијано Роналдо, Пол Погба, Ерлинг Халанд… и уште дузина екстра квалитетни играчи што се на прагот да ја сменат средината во исклучително скапи трансфери. Сума сумарум, милијардата ќе се заврти како од шега во една од најкризните години во историјата на фудбалот.

Сега е најважно да се преживее и да се победи во битката со Коронавирусот, а потоа ќе биде како што вели Масимо Морати: Почекајте го крајот на годината, ќе се случуваат чуда на трансфер-пазарот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести