Сите кројат планови, ФФМ и клубовите немаат абер дали ќе заврши сезоната

Најчудната фудбалска сезона во последните десетици години комплетно го наруши респоредот на натпревари поради Коронавирусот, но поголемиот дел од засегнатите национални федерации, клубови, вклучувајќи ги и ФИФА и УЕФА постојано прават планови како да се доигра сезоната.

Бомбардирани сме од информации за плановите на премиерлигашите, членовите на Серија А, Ла Лига, но и останатите таканаречени помали првенства како да се заврши прекинатата сезона.

Дури има и такви што ја прогласија фудбалската 2019/20 за завршена, а Белгија прогласи и првак, тоа е Бриж.

За разлика од нормалниот фудбалски свет, само Македонија си молчи и кај нас ниту ФФМ, ниту клубовите не покажаа ниту иницијатива, ниту имаат план и решенија за справување со кризата и датум(и) кога, како и дали ќе заврши сезоната.

Во макфудбалот има комплетен молк, а ситуацијата е таква и поради пропустите што ни се влечат речиси три децении. Здружение на прволигаши кај нас не функционира, па клубовите се однесуваат како ситуацијата да не ги засега и досега од нив нема ниту една реакција, прашање, желба да се проектира план за доигрување на сезоната.

Вардар си молчи, иако е најтрофеен клуб во државата и треба да биде авангарда, па ним им одговара сезоната да биде прекината и ако може да бидат прогласени за шампиони. Не дека не заслужија, играа одлично и првото место со 10 бода предност пред Силекс и 11 пред актуелниот првак Шкендија е апсолутно заслужено, но токму тие и најмногу треба да стравуваат од едно друго сценарио што исто така е можно. Да се прогласи крај на сезоната без првак, што ќе му наштети најмногу на 11-кратниот првак.

Силекс очекувано си молчи, на кратовци им одговара втората позиција и настап во Лигата на Европа, а незаинтересирано делуваат и прваците од Тетово. Шкендија веројатно го посакува второто сценарио, Македонија да прогласи крај на сезоната без шампион.

И на останатите клубови им одговара ваквата состојба и тоа е очигледно бидејќи реакција нема од ниту еден од десетте прволигаши. Разединети, без силно Здружение веќе 30-тина години им одговара ситуацијаа статус кво. Третото сценарио е некој да свири крај на сезоната, веројатно ФФМ, и никој да не испадне од Првата лига.

Фудбалската федерација на Македонија во овој и во сите останати претходни гарнитури се дистанцира од домашното првенство, со евтина реплика дека тие се задолжени за националните селекции и Првата лига не е баш нивен домен. Се вртиме во круг со децении, а молкот и сега е на сила во екот на епидемијата со Коронавирус.

- Оглас -

Најнови вести