Белата точка ја зацрни Шкендија, тетовчани испаднаа од Европа (Видео)

Шкендија е елиминирана од настапите во Конференциската лига откако по голема драма и повеќе од два часа борба на арената „Тодор Проески“ во Скопје, загуби од шведскиот АИК, и тоа на пенали.

Во регуларниот дел резултатот беше 1:1, исто како што беше и на првиот меч во Стокхолм, па мораа да се играат дополнителни 30 минути. Во продолженијата немаше погодоци, па по 210 минути игра на овие два тима, вкупниот резултат беше 2:2 и мораа да се шутираат пенали.

Во пенал-рулетот добро започна за Шкендија. Гостите први шутираа, а ударот на Ларсон заврши во пречката, додека Влатко Стојановски погоди за 1:0. Сепак, потоа следува „црна низа“ за тетовци. АИК Стокхолм ги погоди следните три пенали, а за Шкендија промашија Бруно Дита во втората серија и Љупчо Дориев во третата серија, па по 4 серии, резултатот беше 3:2 за гостите.

АИК имаше пенал за да оди понатаму, но Ринг промаши и останаа шансите за Шкендија. Ферхан Хасани, кој погоди пенал во регуларниот дел, во петтата серија шутираше високо над голот, што беше знак за радост на гостите.

- Оглас -

Најнови вести