Португалскиот судија Жоао Пињеиро се најде во центарот на вниманието по контроверзните одлуки на полуфиналниот дуел во Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и Пари Сен Жермен (1-1), по кој Французите се пласираа во финалето против Арсенал во Будимпешта.
Најголемото незадоволство кај домаќините се појави во првото полувреме, поради недосудениот пенал при резултат 0-1 за ПСЖ. По ударот на Витиња, топката го погоди Жоао Невеш директно во рака во шеснаесетникот, но Пињеиро не покажа на белата точка.
Qui m’explique pourquoi y’a pas de penalty pour le penalty après cette faute de main de Joâo Neves ? pic.twitter.com/Gd9cfoh3FW
— £|z0 😌🇸🇳⭐️⭐️ (@ElhadjiKandji1) May 6, 2026
Дополнителен револт предизвика фактот што ниту ВАР не реагираше, па ситуацијата не беше ниту прегледана. Играчите и навивачите на Баерн жестоко реагираа, сметајќи дека станува збор за чист пенал.
Нервозата кај Баварците дополнително се зголеми по уште една спорна ситуација претходно во натпреварот, кога судијата не му покажа втор жолт картон на Нуно Мендеш за игра со рака. Наместо тоа, топката им припадна на фудбалерите на ПСЖ, што предизвика нов бран протести.
Овие одлуки оставија силен впечаток врз текот на натпреварот и отворија дебата околу судењето, кое според многумина имало директно влијание врз исходот и пласманот во финалето.
Дојде и објаснувањето од УЕФА. По ударот на Јосип Станишиќ, голманот Сафонов несмасно ја одби топката, по што Витиња во обид да ја расчисти ситуацијата ја погоди во раката на својот соиграч Жоао Невеш. Фудбалерите на Баерн веднаш реагираа и го опколија судијата барајќи пенал, но Жоао Пињеиро остана на својата одлука, без реакција ниту од ВАР собата.
Иако контактот со рака беше очигледен, правилата на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (IFAB) јасно дефинираат дека ваква ситуација не се санкционира како прекршок, доколку топката претходно неочекувано се одбие од соиграч.
Исклучок од ова правило постои само во случаи кога по таквиот контакт директно се постигнува гол или играчот веднаш доаѓа до погодок – што во овој случај не се случи. Затоа, и покрај бурните реакции, одлуката на судијата формално беше исправна.

