Холандскиот играч за врска Тијани Рејндерс ова лето направи голем чекор во кариерата, пристигнувајќи во Манчестер сити од Милан во трансфер вреден околу 55 милиони евра, кој со бонуси може да достигне и до 70 милиони.
Тој стартуваше одлично во Англија, на дебито во Премиер лигата против Вулверхемптон запиша гол и асистенција, што веднаш создаде впечаток дека ќе биде клучна фигура во системот на Пеп Гвардиола. Сепак, развојот на ситуацијата не одеше во таа насока.
Од крајот на есента, неговата улога во тимот значително се намали. Рејндерс го загуби местото во стартниот состав, а во последните четири првенствени натпревари воопшто не доби минутажа, што јасно укажува на пад на довербата од страна на тренерот.
Сето тоа отвори прашања околу неговата иднина на „Етихад“. Според италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, Јувентус внимателно ја следи ситуацијата и би можел да реагира доколку се создадат услови за трансфер.
Сè уште не е јасно колкава сума би побарал Манчестер сити, ниту дали Старата дама“ би можела финансиски да го издржи таквиот потег.
Потенцијалниот трансфер во Торино сигурно би предизвикал бурни реакции, особено кај навивачите на Милан, каде Рејндерс претходно настапуваше.
И покрај моменталниот статус, Холанѓанецот оваа сезона има седум голови и осум асистенции во сите натпреварувања и останува еден од клучните играчи на репрезентацијата на Холандија пред претстојниот Мундијал.

