Холандскиот 78-годишен стратег Дик Адвокат ќе се врати на клупата на Курасао, островска држава од Средна Америка која обезбеди историски пласман на Светско првенство 2026, пренесуваат холандските медиуми.
Курасао обезбеди историски настап на Мундијалот како најмала држава на која тоа ѝ успеало, а токму искусниот холандски стратег има огромна заслуга за овој успех. Адвокат претходно оваа година мораше да се повлече од селекторската функција поради сериозна болест на неговата ќерка, а на негово место дојде Фред Рутен.
Сепак, Рутен не го започна мандатот на најдобар начин, бидејќи забележа порази во пријателските натпревари против Кина со 2-0 и Австралија со 5-1, по што челниците на федерацијата решиле да не му ја доверат репрезентацијата за Светското првенство.
Доколку ја води селекцијата на турнирот во Америка, Адвокат ќе стане најстариот селектор во историјата на мундијалите.
Рекордот во моментов го држи Ото Рехагел, кој во 2010 година ја предводеше Грција на Светското првенство на 72-годишна возраст.
Курасао ќе настапува во групата Е, заедно со Германија, Еквадор и Брегот на Слоновата Коска.

