Бензема го понижуваше Жиру, а сега вели дека без проблем ќе бидат соиграчи

Карим Бензема ќе биде во составот на Франција за Европското првенство, што ќе биде негово прво учество на големо репрезентативно натпреварување по Светското првенство во 2014 година. Голгетерот на Реал Мадрид речиси шест години имаше забрана за настап во националниот дрес, поради скандалот кој се случи во 2015 година, кога го уценуваше Валбуена.

Во овие неколку години Бензема играше во врвна форма, но немаше дозвола да биде повикан во репрезентацијата, се до пред неколку дена, кога селекторот Дидие Дешан откри дека добил дозвола во составот да го вметне и голгетерот на Реал Мадрид.

Покрај Бензема, на списокот е и Оливие Жиру, играчот со кој Карим пред некое време беше во конфликт. Бензема го навреди Жиру со тоа што изјави дека никако не може да се споредуваат двајцата како напаѓачи, затоа што тоа е како да се споредува Формула 1 болид и картинг. Секако картингот беше за Жиру, а Формула 1 болидот е Бензема.

Со враќањето во репрезентацијата, Бензема нема да го врати и дресот со бројот 10, туку сега ќе го носи бројот 19. Ѕвездата на Реал Мадрид вели дека нема проблем со Жиру и сега се во одлични односи.

„Се сретнавме пред мечот што го игравме против Челзи. Зборувавме и се беше во ред. Му честитав за голот што го даде на првиот меч. Имаме добри односи и се е во ред. Веќе сме играле заедно и се ќе биде во ред, како порано“, рече Бензема.

По враќањето на Бензема во репрезентацијата, продажбата на дресовите на Галските петли се зголеми за неверојатни 2.400 отсто. Бензема во националниот дрес досега има одиграни 81 меч и постигнато 27 голови.

 

- Оглас -

Најнови вести