Шпанскиот фудбалски репрезентативец Родриго Ернандес познат како Родри предупреди за растечкиот проблем со преоптовареност на натпреварите во модерниот фудбал, велејќи дека е загрижен за својата иднина и здравје доколку продолжи со сегашениот пренатрупан распоред. Во изминативе неколку години, играчот од средниот ред на Манчестер Сити се мачеше со неколку повреди, од кои најсериозна беше скинатиот лигамент.
Родри кој е последниот шпански фудбалер кој може да се пофали дека ја освоил „Златната топка“, беше гостин на една емисија каде упати една загрижувачка изјава: „Или ќе сопреме со ова темпо, или јас нема да доживеам 32 години“, рече Родри кој има 29 години, кој додаде дека фудбалерите треба да знаат колку е лимитот.
Соочен со трендот на преоптоварување на календарот, Родри јасно стави до знаење дека играчите мора да бидат свесни за своите крајни можности. „Мора да знаете како да го дозирате напорот бидејќи телото има свои граници, а сите ние имаме рок на траење“, рече играчот на Манчестер Сити.
Тој, исто така, се присети како се чувствувал по еден од најголемите успеси во неговата кариера. „Кога го освоивме тоа Европско првенство, бев ужасно уморен бидејќи стигнав до финалето на сите натпреварувања пет или шест години по ред“, тврди Родри. „Повеќе од физички замор, бев ментално исцрпен и не знаев како да се справам со тоа во годините што следеа“, додаде тој како предупредувачки знак.
Родри најави дека сега е фокусиран да биде целосно подготвен и за настапот на Светското првенство кое за помалку од 50 дена ќе се игра во САД, Канада и Мексико, а секако селекцијата на Шпанија е еден од најголемите фаворити за највисок пласман.

