Манчестер сити разгледува изненадувачка опција за летниот преоден рок, при што во фокусот е играчот за врска на Челзи, Енцо Фернандес, пренесуваат англиските медиуми. Граѓаните го гледаат Аргентинецот како потенцијална замена за Бернардо Силва, кој се очекува да го напушти клубот по завршувањето на сезоната.
Покрај него, во комбинација за засилување на средниот ред се споменува и Елиот Андерсон од Нотингам форест.
Интерес за Енцо Фернандес покажува и Реал Мадрид, но засега без конкретен чекор во форма на официјална понуда. Аргентинскиот репрезентативец во изминатиот период привлече внимание и поради изјави поврзани со Кралскиот клуб, по што тогашниот менаџер на Челзи, Лијам Росениор, го изостави од составот на два последовни натпревари, што предизвика и незадоволство кај дел од навивачите.
Неговиот агент, Хавиер Пасторе, неодамна потврди дека се водени разговори со Челзи за продолжување и подобрување на договорот, иако актуелниот важи до 2032 година. Тој истакна дека доколку не се постигне договор за нови услови, по Светското првенство Фернандес би можел да разгледа и други понуди.
Фернандес досега има одиграно 163 натпревари за Челзи откако пристигна од Бенфика во јануари 2023 година, во трансфер што постави рекорд во британскиот фудбал. Во тековната сезона има 48 настапи во сите натпреварувања, со ефект од 12 гола и шест асистенции.

