Димитар Бербатов имаше блескава фудбалска кариера. Започна од ЦСКА Софија, а потоа играше за Баер Леверкузен, Тотенхем, а врвот му беа четирите години поминати на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер јунајтед. Потоа беше дел и од екипите на Фулам, Монако и ПАОК, а кариерата ја заврши во 2018 година, во дресот на Керала во Индија. Дресот на бугарската репрезентација го бранеше 11 години и одигра 78 меча, во кои постигна 48 погодоци. Вкупно во кариерата, Бербатов има над 300 голови во повеќе од 700 одиграни натпревари.
Од денеска Бербатов е во нова мисија. Сака да застане на чело на Бугарскиот фудбалски сојуз (БФЦ).
„Ја започнувам мојата кампања за претседател на БФЦ. Пред да ве запознаам со деталите и нашите планови, да ве запознаам со мојот тим. Ова е јадрото со кое ја подготвуваме промената за подобар фудбал. Имав привилегија да работам со најдобриот тренер во светот, Сер Алекс Фергусон, а тој секогаш зборуваше за тимска работа. Тој велеше дека изборот на тимот е најважна работа ако сакаш да се стремиш кон успех. Сите видовме каков успех направи тој со Манчестер јунајтед“, рече Бербатов, кај кого меѓу луѓето во неговиот тим се најдоа и некогашните фудбалери Стилијан Петров и Мартин Петров.