Бесарт Ибраими со хет-трик донесе одлични 3:1 за Струга ТЛ по првиот меч со Есперанж (Видео)

Струга ТЛ славеше со 3:1 против Есперанж во првиот меч од третото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Херој на македонскиот првак беше Бесарт Ибраими, кој ги постигна сите три гола за Струга ТЛ. Реваншот се игра следниот четврток на теренот на Есперанж.

Струга ТЛ одигра одлично прво полувреме кога домаќините доминираа речиси во сите 45 минути. Таа добра игра донесе два гола за македонскиот првак. Во 23-тата минута гостинскиот голман направи голема грешка кога едноставо ја испушти топката од рацете, а Ибраими одлично ја следеше таа ситуација и го искористи подарокот, па погоди во празната мрежа.

Пред крајот на првиот дел, односно во 40-тата минута беше досуден пенал за Струга ТЛ, а Ибраими без проблеми реализираше за 2:0 на полувреме. Овие погодоци може да ги видите ТУКА.

Почетокот на вториот дел не беше како што сакаа фудбалерите на Струга. Гостите од Луксембург успеаја да постигнат гол во првата акција, односно само по 30 секунди од стартот на второто полувреме. Капитенот Штолц погоди и намали на 1:2, а овој гол може да го видите ТУКА.

Стружани сепак не се збунија и со смирена игра создаваа акции за трет гол, а тоа им успеа во 77-мата минута. Ибраими излезе сам пред противничкиот голман, беше фаулиран и сосема оправдано беше досуден и втор пенал за Струга ТЛ. Повторно одговорноста ја презеде Ибраими и повторно беше прецизен за комплетирање на хет-трикот и конечна победа на македонскиот првак од 3:1.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести