Биковите од Чикаго не се навикнати на неуспеси, го сменија вториот најлош тренер во клупската историја

Чикаго булс го смени тренерот Џим Бојлен, кој го предводеше тимот во последните две сезони,но не успеа да направи пресврт и да најави нов шампионски тим на шесткратниот НБА шампион.

Бојлен имаше лош процент од 31.7 посто, односно 39 победи и 84 порази за неполни две сезони на клупата на Чикаго, што е втор најлош ефект, ако се сметаат тренери што го предводеле тимот на најмалку 100 натпревари.

Само Тим Флојд, кој беше тренер на Чикаго од 1998-2001, или веднаш по златната ера на Фил Џексон и неговите бикови има послаб процент од само 20.5 посто победи од Бојлен.

„Направивме проценка дека не се движиме во посакуваниот правец и моравме да направиме промена. Ни треба и нов пристап и во развојот на клубот и во лидерството за да зачекориме во подобра ера и да се вратиме на старите шампионски патеки. Ова е тешка одлука, но е за доброто на клубот“, изјави Артурас Карнишовас, извршниот потпретседател на клубот.

Бојлен имаше недоразбирања и со дел од кошаркарите на Чикаго, особено со главната ѕвезда на тимот Зак Лавињ, па дури имаше и најава за бојкот, ако тој остане тренер.

Карнишовас и останатите водечки луѓе во клубот се уште не објавија кој ќе го замени Бојлен.

 

- Оглас -

Најнови вести