И Џордан би аплаудирал, Биковите приредија спектакуларно шоу со најубавата акција во НБА (Видео)

Кошаркарите на Чикаго играат имресивно на стартот од новата сезона и ноќеска ја забележаа осмата победа и ја изведоа и најубавата акција во првите 11 рунди во НБА-лигата.

Биковите го победија Далас со 117:107 и се на врвот на Источната конференција со биланс 8-3, а ист ефект има и Вашингтон визардс.

Акцијата во финишот на мечот, што на атрактивен начин ја почна Алекс Карусо, а ја продолжија Никола Вучевиќ и Лонзо Бол со ефектно забивање со пируета од 360 степени, а со забивање ја заврши Зак Лавињ.

Во дербито, Лос Анџелес лејкерс успеа да го победи Мајами хит во драматичен меч со едно продолжение.

Популарните Езерџии до победа од 120:117 ги предводеше извонредниот Расел Вестбрук, кој забележа трипл-дабл со 25 поени, 14 асистенции и 12 скока, со што умешно го „покри“ отсуството на првата ѕвезда во тимот, Леброн Џејмс.

Голден стејт вориорс држи феноменално темпо и прв стигна до 10 победи во новата сезона, а ноќеска до нов триумф, со 123:110 против Минесота тимбервулфс ги предводеше извонредниот Ендрју Вигинс со 35 поени.

Вигинс не промаши ниту еден удар од поле во првото полувреме и имаше шут 9 од 9, а мечот го заврши со 14 погодени удари од 19 обиди.

На спротивната страна, Ентони Едвардс одигра партија на кариерата со 48 поени и по пет скока и асистенции, но и со таков ефект не успеа да помогне да се избегне пораз.

Резултати: Кливленд – Вашингтон 94:97, Орландо – Бруклин 90:123, Бостон – Торонто 104:88, Хјустон – Детроит 104:112, Њујорк – Милвоки 100:112, Чикаго – Далас 117:107, Мемфис – Шарлот 108:118, Њу Орлеанс – Оклахома 100:108, Сан Антонио – Сакраменто 136:117, Денвер – Индијана 101:98, Феникс – Портланд 119:109, Голден стејт – Минесота 123:110, Л.А. лејкерс – Мајами 120:117 по продолженија.   

- Оглас -

Најнови вести