Бил и Вестбрук излегоа на бис и сами го победија шампионот (Видео)

Бредли Бил и Расел Вестбрук ги постигнаа сите 12 поени комбинирано за Вашингтон визардс во дополнителното време од пет минути и го урнаа шампионот на НБА-лигата, тимот на Лос Анџелес лејкерс со 127:124.

Во регуларниот дел мечот заврши нерешено 115:115, а потоа Волшебниците од главниот град на САД беа подобри за петта победа во низа.

Бил беше најефикасен на мечот со 33 поени, на кои им додаде и 7 скока и шест асистенции. Веднаш зад него со 32 поена мечот го заврши Расел Вестбрук. Му недостасуваше една асистенција за трипл-дабл во импресивната ноќ со 14 скока и 9 асистенции.

Кај шампионот Лос Анџелес лејкерс стандардно, најдобар поединец беше Леброн Џејмс со 31 поен, 13 асистенции и 9 скока. Одлично одигра и Монти Харел со 26 поени и 9 скока, но прваците го претрпеа десеттиот пораз сезонава.

Фантастична тимска кошарка игра Јута џез, екипата со најдобар биланс во НБА во моментов. Во убедливата победа од 132:110 против Шарлот хорнетс си го подобрија клупскиот рекорд со неверојатни 28 погодени тројки. Џордан Кларксон погоди пет удари за три поени, Мајк Конли имаше четири, а Донован Мичел постигна три тројки и беше најефикасен на мечот со 23 поени.

Јута има биланс од 25 победи и шест порази, што е најдобар ефект во НБА-лигата и се единствениот тим со едноцифрен број порази.

Резултати: Хјустон – Чикаго 100:120, Далас – Мемфис 102:92, Оклахома – Мајами 94:108, Феникс – Портланд 132:100, Јута – Шарлот 132:110, Л.А. лејкерс – Вашингтон 124:127 по продолженија.

 

 

- Оглас -

Најнови вести