Следното Ел Класико може да биде историско, какво што никогаш немало во 125 години, затоа и билетите се „изгор“ скапи

Покрај двата меча кои треба да ги дадат финалисите во Лигата на шампионите, во деновите кои следуваат во фокусот ќе биде вечното дерби меѓу Барселона и Реал Мадрид. Популарното Ел Класико ќе се игра в недела на „Камп ноу“, а може да биде историско.

Ривалството меѓу овие два клуба трае неверојатни 125 години, а никогаш досега не се случило Барселона во директен дуел против Реал Мадрид да ја освои титулата во првенството. Сега ова е историска шанса за Каталонците.

До крајот на првенството има уште четири кола, а Барселона е дури со 11 бода повеќе од Реал Мадрид. Тоа значи дека ако каталонскиот гигант победи или одигра нерешено, теоретски ќе ја одбрани титулата во шпанското првенство. Токму затоа ова Ел Класико може да биде историско, па предизвика неверојатен интерес кај навивачите.

Скапоценото парче хартија, односно билетот за Ел Класико, веќе има неверојатна вредност. Во Шпанија најавуваат дека цените на билетите на „црниот пазар“ изнесуваат меѓу 2.500 и неверојатни 12.500 евра за ВИП зоните.

Барселона ќе има уште еден мотив повеќе да победи затоа што на тој начин ќе се израмни со вечниот ривал. Овие два клуба досега вкупно имаат одиграно 263 натпревари, во кои Реал Мадрид има 106 победи, Барселона е со 105 победи, а 52 средби завршиле нерешено. Гол-разлика е 447-436 во корист на мадридскиот гигант.

- Оглас -

Најнови вести