Благотиншек не заборавил: Против Македонија секогаш ни било тешко, имаме и болни порази

Блаж Благотиншек ги предупреди Словенците да не слават победа предвреме против Македонија и се потсети на минатото и на дуелите со нашата репрезентација, против која, како што вели, секогаш имале проблеми.

„Имаме одиграно многу натпревари против Македонија и во поголемиот дел од нив имавме и проблеми да ги надиграме, па и болни порази. Не смееме да летаме во облаци. Напротив, треба да бидеме максимално сериозни и фокусирани за да забележиме победа“, вели 27-годишниот пикер на Словенија и на Веспрем.

И селекторот на Словенците, Љубомир Врањеш, вели дека нема лесни противници во втора фаза на Мундијалите.

„Фаворити сме, но тоа треба да се потврди на теренот. Не потценуваме никого, а знам дека Македонците имаат најмалку тројца ракометари од висока класа и во овој состав што игра во Египет. Верувам дека ќе покажеме дека сме поквалитетни“, изјави Врањеш.

Мечот ќе се игра од 15.30 часот во Каиро и е прв за двете репрезентации во втората фаза од Мундијалот во Египет.

 

- Оглас -

Најнови вести