Рафиња стана еден од најважните играчи на Барселона, но во јавноста отворено призна дека му пречат постојаните шпекулации за негово заминување од клубот.
Бразилецот пристигна во Барселона во летото 2022 година од Лидс јунајтед за 60 милиони евра и брзо се покажа како големо засилување, станувајќи еден од клучните фудбалери на каталонскиот гигант.
И покрај тоа, секој трансфер-период се појавуваат информации дека Рафиња би можел да замине, иако тој постојано нагласува дека е среќен во клубот и сака да остане што подолго.
Со приближувањето на летниот преоден рок, повторно се засилија гласините за негов трансфер, што овојпат го натера играчот јавно да реагира.
Тој директно ги демантираше шпекулациите и посочи дека зад ваквите приказни стои еден новинар кој, според него, континуирано објавува неточни информации за него.
„Откако дојдов во Барселона, од првиот ден постојат шпекулации дека заминувам. Мислам дека има луѓе кои не сакаат да бидам во Барселона. Особено некои новинари кои пишуваат лаги за мене“, изјави Рафиња.
Тој додаде дека истиот новинар постојано објавува неточни информации, вклучувајќи и измислени разговори со клубот и неговите наводни сомнежи за иднината.
„Секогаш кога пишува нешто, тоа е лага. Доста е веќе“, порача бразилскиот репрезентативец.
Рафиња истакна дека порано ги игнорирал ваквите приказни, но дека сега решил јавно да реагира бидејќи ситуацијата станала премногу честа.
Од неговото доаѓање во Барселона тој има забележано 175 настапи, со 73 гола и 59 асистенции.

