Ален Бокшиќ, човекот кој на Хајдук му ја донесе титулата последен победник на Купот на некогашна Југославија со легендарниот гол против европскиот првак Црвена ѕвезда, а поради повреда не беше во тимот на Хрватска која го освои третото место на СП 1998, денеска полни 50 години и во интервју за хрватските медиуми кажа неколку интересни работи. Во сеќавањето секогаш ќе му остане и еден меч во Загреб против Македонија.
„Нема да заборавам еден меч на ‘Максимир’, од квалификациите за СП 2014 против Македонија. Стадионот беше полупразен, јас со играчите излегувам на загревање, а еден мајмун од трибините петпати ми ја пцуе мајката. Таквите ликови им се лути на сите, виновен им е и Мамиќ, државата, сите им се виновни. Сфатив дека не ми треба да бидам во стручниот штаб на хрватската репрезентација, некој друг нека го пцујат. Кога си заминав од Хрватска, тоа го доживеав како ослободување од затвор“, вели Бокшиќ, кој по Хајдук, игаше и за: Кан, Олимпик Марсеј, Лацио, Јувентус и Мидлсборо.
Со Марсеј во сезоната 1992/93 беше прв стрелец и најдобар странец во француската лига, но титулата од таа сезона им беше одземена бидејќи раководството ги потплатувало противниците.
„Имавме супер тим, а го имавме и најдобриот претседател на светот. Бернар Тапи ни купуваше мечеви, а потоа за победата добивавме премии хахаха. На крај него го казнија, но ние играчите профитиравме“, се потсетува Бокшиќ.