Борко Ристовски го одржа првиот тренинг по враќањето во Вардар

Старо-новите членови на ракометниот клуб Вардар, Борко Ристовски и Марко Мишевски, вечерва го имаа првиот тренинг со екипата. Фокусот на тренингот на екипата повеќе беше посветан на физичката подготовка, а искусниот Ристовски веднаш почна да работи под надзор на Дејан Периќ.

Тренерот Стевче Алушовски до крајот на сезоната ќе има поголема конкуренција на голманската позиција со репрезентативецот на Македонија, Ристовски, а на бековската позиција повратник е младиот Мишевски. Двајцата и во минатото беа дел од Вардар, а сега потпишаа договор до крајот на сезонава.

По шест години играње во странство, 37-годишниот Ристовски повторно ќе го облече дресот на Вардар. Претходно двапати беше дел од Вардар, и тоа во периодот од 2001 до 2003 година и од 2010 до 2012 година.

Само по неколку месеци минати во тимот на Гренобл, во Вардар се врати Мишевски. Потекнува од школата на Вардар, каде што играше во помладите категории. Тој лани беше дел од тимот што стигна до европската титула во Келн, иако со помала минутажа на теренот. Левиот бек лани играше и во СЕХА-лигата и заедно со екипата на Вардар го освои трофејот, а во јануари беше дел од репрезентацијата на Македонија што настапи на ЕП во Австрија.

Вардар во недела гостува кај Нексе на првиот четвртфинален натпревар од СЕХА-лигата, а потоа во втората половина од месецот треба да ги игра и двата натпревари од осминафиналето на ЛШ против ПИК Сегед.

- Оглас -

Најнови вести