Германскиот гигант Борусија Дортмунд веќе 15-тина години има правилник за казни кои важат за фудбалерите на Милионерите. Таа пракса за воведување правилник за казни ја воведе Јирген Клоп во 2009 година, а потоа ја продолжија сите останати кои седнуваа на клупата на овој тим.
Актуелниот тратег на Борусија Дортмунд, Нури Сахин, ја продолжи таа пракса, па така фудбалерите за секоја минута доцнење на тренинг ќе треба да платат по 100 евра. Истите казни важат и за доцнење кај физиотерапевтот или на состанок со стручниот штаб.
Има и многу поголеми казни, па 3.000 евра треба да се плати за доцнење на денот на мечот или 5.000 евра доколку целосно се пропушти закажан клупски настап.
Од поинтересните казни, сите играчи кои на туширање заминуваат без папучи, треба да платат по 100 евра, а по 50 евра е казната ако играч не донесе торта на денот на неговиот роденден.
Фудбалерите не смеат да користат мобилни телефони додека јадат, а казни има и доколку фудбалерите не го носат задолжителниот дрес код. Казни од неверојатни 2.000 евра има за играчите кои нема да потпишат автограм на навивачите кои ги чекаат.
Има стандарди и за одржување на местата во соблекувалните, па така секој играч ќе треба да плати по 100 евра ако му е неуредно и нечисто неговото место. Ако на тренингот се појават во неадекватна опрема, казната е 250 евра.