Бостон е град на шампиони – Каролина доби метла, Бруинс се во големото НХЛ-финале

Бостон повторно ја декласира Каролина, ноќеска со 4:0 и со ист резултат ја заврши финалната серија во Источната конференција во НХЛ-лигата и се пласира во големото финале.

Првиот напад на Бруинс функционираше беспрекорно, а Давид Пастрнак со гол најави нов убедлив триумф на фаворитот. Потоа Патрис Бержерон двапати ја затресе мрежата на домаќинот и веќе сè беше јасно. Третиот напаѓач во првата постава на Бостон, Бред Маршанд, стави точка на блескавиот триумф и серија на тимот што ќе игра во големото финале по третпат во последните девет години, а ја чека седмата титула.

Хокеарите од Бостон имаат шанса да тргнат по стапките на Њу Ингланд петриотс и на Бостон Ред сокс, екипи кои се актуелни шампиони во НФЛ и во МЛБ-лигите во Америка, а се од Бостон.

Противник во големото финале за Стенли куп трофејот ќе им биде победникот од финалната серија меѓу Сан Хозе и Сент Луис, а таму Ајкулите од Сан Хозе моментно имаат предност од 2:1 во победи.

- Оглас -

Најнови вести