Бранителот на трофејот со „сет“ голови до полуфинале во женскиот фудбалски Куп, победија и останатите фаворити

Попладнево освен куп-натпреварите во машка конкуренција, се одиграа и оние во женска конкуренција, каде што се постигнати очекувани резултати. За разлика од мажите, каде што се играше реванш-полуфиналето, девојките попладнево ги одиграа четвртфиналните дуели, по кои познати се четирите екипи кои ќе атакуваат на трофејот од Купот на Македонија.

Актуелниот шампион на Македонија, но и бранител на трофејот од Купот, тетовскиот Љуботен, без проблеми и убедливо со 0-6 победија на гости кај скопски Вардар, единствениот второлигаш во оваа фаза од натпреварувањето. Бојана Петкова постигна хет-трик, додека по еднаш во листата со стрелци се запишаа и Наталија Оливеира, Викторија Талита и Павлинка Николовска.

Второпласираниот во првенството и финалист од минатата сезона, Каменица Саса, дојде до рутинска победа над составот на Истатов со 2-0, со головите на Анастасија Маринковска и Туане Фрагосо. Најинтересниот натпревар од четвртфиналето го доби екипата на Тиверија, која со 1-3 победи на гостувањето во Струга против Ас јунајтед, додека последниот полуфиналист е Топ Гол од Битола, кој дури по изведување на пенали, победи против Речица со 3-1, откако мечот во регуларното време заврши нерешено, 3-3.

- Оглас -

Најнови вести