Брегалница го оствари најзначајниот триумф сезонава во Втората лига и направи голем чекор кон враќање во Првата лига. Штипјани со минимални 1-0 го совладаа директниот ривал за врвот, досегашниот лидер Охрид.
Навивачите одговорија на повиците на клубот и речиси до последно место ја наполнија новата трибина на Градскиот стадион, создавајќи вистинска атмосфера за поддршка на теренот. Фудбалерите на Влатко Костов го почувствуваа тоа и одиграа токму онака како што се очекуваше во трката за елитата.
Клучниот момент се случи кон крајот на првото полувреме, кога по грешка на одбраната на гостите, топката стигна до Лука Ѓеоргиев, кој од шеснаесет метри испрати силен удар во противничката мрежа и донесе радост на теренот и трибините за водство од 1-0.
Во второто полувреме Охрид се обиде да се врати во игра, но Брегалница ја задржа предноста и освои важни три бода.
По ова коло, нов лидер на табелата е Скопје со 50 бода, додека второто место со по 49 бода го делат три екипи, Охрид, Шкендија Арачиново и Брегалница.

