Брестовац е изборот на РФМ за селектор на машката репрезентација

Данило Брестовац ќе биде нов селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија. Изборот на РФМ се падна на македонски тренер, а предводникот на Металург допрва треба да биде промовиран во новата улога. Федерацијата се одлучи за домашен производ откако претходно на клупата седеа странци – Ивица Орбван, Лино Червар и Раул Гонзалес.

Покрај тренерот на Металург, кој воедно е и селектор на младинската и на кадетската селекција, за селекторското место конкурирале и Владимир Глигоров, Ненад Кљаиќ и Горан Андоновски, како и уште двајца засега непознати стратези.

Засега не е официјално потврдено бидејќи РФМ допрва треба да се договори со Металург. Јасно е дека Федерацијата бара тренер кој целосно ќе се посвети на работата со селекцијата, што таков нема да биде случајот со Брестовац, барем не до јуни, бидејќи од таборот на тимот од Автокоманда нема да му дозволат веднаш да ја напушти работата.

Брестовац веќе има искуство во тимот А, со оглед на тоа дека му беше асистент на Обрван во периодот од 2013 до 2016 година.

- Оглас -

Најнови вести