Британците ни носат среќа – Против Ерменија ќе ни суди Шкотот Боби Маден

Шкотскиот судија Боби Маден со комплетна постава од уште тројца арбитри ќе ни ја делат правдата против Ерменија задутре во Никозија, во клучниот меч за првото место во втората група од Сегментот Ц во Лигата на нациите.

Тоа и не е лоша варијанта ако се потсетиме дека Британец ни беше таличен на историскиот меч против Грузија во Тбилиси пред четири дена, кога со победа од 1:0 обезбедивме прв настап на Европско првенство.

Тогаш ни судеше Ентони Тејлор од Англија и успеавме да славиме голема победа, најзначајна во историјата на македонскиот фудбал за пат на ЕП идната година.

И сега ни треба успех, барем реми против Ерменците во Никозија за да бидеме први во нашата група и да се пласираме во Сегментот Б во Лигата на нациите.

Маден има 42 години и е судија со знакот на ФИФА од 2010 година, а има судено доста значајни натпревари на интернационалната сцена.

Мечот во Никозија ќе се игра во среда, од 18 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести