Брук Лопес „се претвори“ во Адетокумбо и го однесе Милвоки на чекор до големото финале (Видео)

Милвоки бакс е на чекор од пласман во големото НБА-финале откако поведе со 3-2 во источното финале против Атланта хокс. Елените стравуваа за исходот на овој важен петти меч бидејќи во нивниот состав го немаше повредениот Јанис Адетокумбо, но фантастичната игра на искусниот центар Брук Лопес им помогна да триумфираат со 123-112 во меч на кој Атланта не водеше во ниту еден момент.

Милвоки уште од 1974 година не бил во големото финале, а сега им треба само уште една победа над Јастребите, за да се најдат во завршната битка за шампионскиот прстен.

Лопес, кој има 33 години, уфрли 33 поени, што е негов личен плејоф рекорд. Кај Милвоки, ефикасни беа и Џру Холидеј со 25 поени, а имаше и 13 асистенции, Крис Мидлтон со 26 поени и 13 скока и Боби Портис со личен плејоф-рекорд од 22 поени. Од 123-те поени на Елените, 106 постигнаа стартерите. Од 1988 година наваму не се случило четворица играчи на Милвоки да имаат над 20 поени на еден ист меч.

За разлика од Милвоки, кој најде начин како да го покрие неиграњето на Адетокумбо, во Атланта немаше играчи кои ќе дадат доволно поени за да се пополни празнината со неиграњето на ѕвездата Тре Јанг. Богдан Богдановиќ беше прв стрелец со 28 поени.

Погледнете го забивањето со кое Лопес најави дека е расположен, а Јанис прослави со кревање раце:

https://twitter.com/i/status/1410764311396438016

- Оглас -

Најнови вести