Букурешт ја чека Македонија на ЕП – Капацитетот ќе биде намален, може да има само 14.000 луѓе на трибините

Сè поизвесно е дека Македонија сепак ќе игра во Букурешт и во Амстердам во првата фаза по групи на Европското првенство од 11 јуни до 11 јули годинава, откако УЕФА ја одби понудата од Англија сама да го организира шампионатот.

Конечниот план за ЕП што требаше да се игра лани, но беше пролонгиран поради корона-вирусот, УЕФА ќе го објави на 5 април. Романците објавија дека на националната арена во Букурешт за двата меча на Македонија против Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни ќе биде дозволено присуство на публика, но со ограничен капацитет од 25 отсто.

Тоа би значело дека може да има околу 14.000 луѓе на трибините бидејќи вкупниот капацитет на арената во Букурешт е точно 55.634 места за фудбалските натпревари.

Речиси идентичен е капацитетот и на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам, каде што на 21 јуни ќе го играме последниот меч од Ц групата против Холандија, па и тука ќе има еднаков број гледачи како и во Букурешт, ако остане панот на УЕФА за 25 отсто пополнетост на трибините.

 

- Оглас -

Најнови вести