Официјално: Анчелоти е нов тренер на францускиот Лил!

Давиде Анчелоти е новиот тренер на Лил, соопшти францускиот клуб. Триесет и шестгодишниот стручњак, син на Карло Анчелоти, во Франција ќе го има својот прв сериозен предизвик како главен тренер. Досега самостојно водеше тим само накратко во Ботафого, а претходно долги години му беше асистент на својот татко во Реал Мадрид, Баерн Минхен, Наполи и Евертон. Давиде потпиша двегодишен договор со Лил.

„Лил денес го објавува назначувањето на Давиде Анчелоти за тренер на првиот тим. Италијанскиот стручњак, кој работел во дел од најголемите клубови и репрезентации во светот, потпиша договор на две години. Лил го поздравува неговото доаѓање пред сезоната 2026/27, во која ќе го предводи тимот во Лига 1 и во Лигата на шампионите. Овој млад тренер е познат и по способноста да развива млади таленти и да ги направи конкурентни на највисоко ниво“, се наведува во соопштението на клубот.

„Проектот на Лил ми одговара. Клубот има јасна визија, високи амбиции и силна работна етика. Станува збор за сериозен клуб кој редовно настапува на европската сцена“, изјави Давиде Анчелоти.

Сепак, Давиде истакна дека не е целосно сличен на својот татко и дека кога станува збор за односот со играчите, негов најголем модел е легендарниот кошаркарски тренер Фил Џексон.

- Оглас -

Најнови вести