Двајца фудбалери од шампионската екипа на Барселона ќе си заминат уште месецов

Шпанскиот шампион Барселона работи на реализација на два излезни трансфери пред крајот на јуни со цел да ја подобри финансиската состојба на клубот и да обезбеди поголема слобода за нови засилувања во летниот преоден рок.

Еден од фудбалерите кои речиси сигурно ќе го напуштат „Камп ноу“ е Марк Касадо. Играчот од средниот ред е блиску до трансфер, а како главен фаворит за неговиот потпис се споменува Монако. Каталонците очекуваат ваквата зделка да донесе дополнителни приходи во буџетот и да ги олесни идните потези на спортскиот сектор.

Друг играч чија иднина сè повеќе се оддалечува од Барселона е Руни Барџи. Шведскиот крилен напаѓач остави солиден впечаток минатата сезона, забележувајќи 28 настапи во сите натпреварувања, со два постигнати гола и четири асистенции. Интересот за него е значителен, а преговорите околу неговото заминување веќе се во напредна фаза поради бројните понуди.

Желбата на Барселона е да се раздели со Барџи преку трансфер во кој ќе биде вклучена клаузула за повторен откуп. Сепак, во моментов пореална опција изгледа позајмица. Ајакс важи за главен кандидат за негов ангажман, но конечната одлука ќе биде донесена по состанокот меѓу играчот и спортскиот директор Деко.

И двете страни сметаат дека најдобро за развојот на Барџи е тој да продолжи во клуб што настапува во европските натпреварувања или во екипа од Ла Лига. Целта е младиот фудбалер да добие доволно минутажа на високо ниво и да стекне драгоцено искуство за во иднина.

- Оглас -

Најнови вести