Чаирска романтика за Шкупи или за Вардар

Шкупи и Вардар ќе го играат главното дерби во шестото коло во Првата македонска фудбалска лига денеска од 15.30 часот, а има уште две градски пресметки, кои ќе бидат многу интересни.

Сепак, фокусот ќе биде во Чаир, каде што двата скопски ривали ќе бијат битка за бодовите, кои им се од исклучително значење.

Најтрофејниот наш клуб Вардар со триумф ќе биде во позиција дури и да биде лидер во првенството ако Академија Пандев загуби во Струга, а Македонија Ѓорче Петров не победи против Работнички.

Шкупи е веднаш зад Вардар со два бода помалку, а денеска ќе се обиде по петти пат по ред да остане непоразени на „Чаир“ во дуелите со 11-кратниот шампион.

„Дуелите со Вардар секогаш се со посебен шарм. Големо дерби, секогаш жешко и неизвесно, а се надевам дека за нас овојпат ќе биде и победничко“, вели Бесар Исени. Популарниот Бецко играше за Вардар, клуб од којшто се пресели во редовите на Шкупи, откако претходно направи трансфер во спротивен правец.

Уште едно дерби ќе се игра во Скопје, денеска од 15.30 часот, а Работнички ќе ѝ биде домаќин на Македонија Ѓ.П.

Улогите некако се сменети во овој шампионат, па еден од нашите најуспешни клубови со 4 титули е последен на табелата, а првакот од 2010 година Македонија Ѓ.П. е втор без пораз.

Третото локално дерби од шестото коло ќе се игра во Тетово меѓу Ренова и Шкендија. Актуелниот првак со победа против Работнички во минатото коло ја прекина серијата од четири неуспеси и ќе се обиде со нов триумф да се пресели во горниот дел од табелата.

Ренова во мај годинава ја победи Шкендија со 3:2 и ја прекина црната серија од 15 меча без триумф на тетовските дерби-мечеви против актуелниот првак.

Интересно ќе биде и во Струга, каде што новиот прволигаш го чека на мегдан лидерот Академија Пандев и во Кратово, каде што Силекс и Борец ќе бијат битка за бодови и бегство од долниот дел на табелата.

Двојки, шесто коло од 15.30 часот: Шкупи – Вардар, Работнички – Македонија Ѓ.П., Ренова – Шкендија, Струга – Акаадемија Пандев, Силекс – Борец.

Табела: Академија Пандев 13, Македонија Ѓ.П. 11, Вардар 10, Шкупи 8, Ренова и Струга по 7, Шкендија и Борец по 4, Силекс и Работнички по 3 бода.

 

- Оглас -

Најнови вести