Барселона синоќа со 1:0 го победи Атлетико Мадрид и тоа на „жешкиот“ терен на „Ванда Метрополитано“, па каталонскиот гигант стигна до 41 бодови од 16 меча, што е доволно да биде лидер на табелата со три бода повеќе од вечниот ривал Реал Мадрид.
Оваа комоција на табелата со три бода повеќе од сите останати ривали Барселона ја нема почувствувано дури три и пол години. Поминаа точно 1.330 денови за каталонскиот гигант повторно да се лидер со барем три бодови повеќе од второпласираниот.
Навивачите на Барселона веќе три години чекаат да се израдуваат на титулата во првенството и се надеваат дека сезонава со Чави Ернандес на чело, може конечно да стават крај на овој пост. Победата над Атлетико во Мадрид е доказ дека оваа Барселона има сили да се врати на врвот.
„Пред мечот идејата ни беше да ја имаме топката што е можно повеќе во нашите нозе. Сепак, во второто полувреме многу страдавме. Направив две замени затоа што забележав дека дел од играчите се уморни и недостасуваше свежина. Генерално мораме да го корегираме темпото затоа што мечот трае 90 минути. Ние играме одлично еден период и потоа паѓаме. Мора да најдеме актернативно решение ако противникот прави висок пресинг. Генерално сум задоволен од играта и од резултатот, затоа што ова не е терен на кој лесно се победува“, рече Чави по триумфот во Мадрид.
Следната цел на Барселона е Суперкупот на Шпанија. Каталонците в четврток, во полуфиналето ќе играат против Бетис, а ден претходно ќе се сретнат Реал Мадрид и Валенсија. Финалето на Суперкупот ќе се игра в недела.

