Чави: Се согласувам со Анчелоти кој ни даде комплимент, реалната разлика не е 11 бода

Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, на прес-конференцијата пред утрешното гостување кај Рајо Ваљекано даде неколку интересни изјави.

Чави постојано се жали за терените на коишто гостува Барса, а ниту „Ваљекас“ не е исклучок. Чави доби нови прекари како вампир (бидејќи не сака Барселона да игра денски мечеви, туку само вечерни) и градинар (поради жалбите за висината на тревата), па кажа што мисли и на таа тема.

„Смешно ми е тоа. Подобро да ме викаат градинар отколку нешто друго. Постојано ќе зборувам додека не се создадат исти услови на сите стадиони. Рајо е најтврд противник во лигата, немаме победа против нив откако јас сум тренер на Барса, теренот таму е помал, не знам каква е тревата, но ни одговара што се игра од 22 часот“, рече Чави.

Чави го прашаа и што мисли за изјавата на Карло Анчелоти, кој рече дека реалната разлика помеѓу Барселона и Реал Мадрид не е толку голема како што покажува табелата.

„Се согласувам со него. Не мислам дека тоа што го кажал е лошо, напротив, тоа е комплимент за нашите резултати и тоа што го правиме сезонава“, изјави Чави.

- Оглас -

Најнови вести