Чеферин не ги разбира суперлигашите: Како тоа сакате да играте во Суперлигата и во ЛШ?

Александер Чеферин, претседателот на УЕФА, во ексклузивно интервју за „Скај спортс“ зборуваше околу Суперлигата и казната која се очекува за клубовите кои не попушаат во намерата проектот да се реализира и покрај тоа што останаа само три, додека останатите девет клуба го повлекоа своето учество.

„Во моментот кога дисциплинскиот комитет ќе започне со истрага, јас не се прашувам за ништо. Тоа е самостојна организација, така што јас не знам кога, на кој начин и каква ќе биде казната за клубовите кои направија хаос во фудбалот. Тие 48 часа беа тешки бидејќи не знаеме што нè очекува. За среќа, целото фудбалско општество застана со нас. Она што не можам да го разберам е што трите клуба кои уште настојуваат за проектот Суперлига, поднесоа барање за учество во Лигата на шампионите. Значи, тие сакаат да бидат суперлигаши, да играат во својата лига, но и во најголемото клупско натпреварување во Европа. Што се однесува до мене, може да си играат во Суперлигата иако се само три клуба, слободни се да го прават тоа. Досега нема конкретен одговор околу нивниот став, се огласуваа само преку медиумите наместо да договорат состанок со нас. Каква и да биде одлуката на Судот, мора да ја прифатиме бидејќи работиме за доброто на фудбалот, а тие клубови работат против овој спорт“, истакна Чеферин во интервју за „Скај спортс“.

Како што е познато, трите гиганти, односно нивните челници кои се ЗА Суперлигата се: Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.

- Оглас -

Најнови вести