На Чеферин му е сеедно: Не ми е гајле ако Јувентус, Реал и Барселона се откажат од ЛШ

Јувентус, Реал Мадрид и Барселона не се откажуваат од формирање на Суперлигата на Европа, проект кој веќе беше промовиран, но пропадна за два дена, откако поголемиот број на клубови се откажаа.

Идеата не е мртва според претставниците на трите клуба, кои минаа без казни од УЕФА, но сега постои можност и да не играат во Лигата на шампионите што би било шокантно со оглед на педигрето и титулите што ги имаат во елитното клупско натпреварување.

Денеска и Александер Чеферин индиректно призна дека постои таква можност, а изјави и дека не му пречи трите гиганти да отстапат и да не играат во ЛШ.

„Не ми е гајле ако Јувентус, Реал Мадрид и Барселона се откажат од Лигата на шампионите заради туркање на проект што пропадна. Имаат неспособни раководства и таму, а не во УЕФА треба да се бараат причините, ако тоа се случи“, изјави Чеферин.

Англиските клубови беа клучот на пропаднатиот проект, откако шестте учесници од Островот во последен момент се откажаа од формирање на Суперлигата на Европа, по протестот на навивачите и најмногу по сугестијата на Британската Влада.

Ждрепката веќе е направена за првата фаза по групи во Лигата на шампионите, па би било шокантно ако најтрофејниот клуб Реал Мадрид со 13 титули, потоа и Барселона со пет пехари и Јувентус со две шампионски круни се откажа од настап во ЛШ.

Сите три клуба заедно имаат 33 финалиња во КЕШ, или ЛШ и дури 20 титули.

 

- Оглас -

Најнови вести