Саботната вечер во плејофот на НБА лигата донесе по една победа на домашните и гостите. Додека актуелните шампиони Оклахома Сити тандер се приближија на чекор до финалето на Западната конференција со доминантен настап против ЛА Лејкерс за 3-0, Кливленд кавалирс со победа дома ја намали негативата против Детроит пистонс на 1-2 на Истокот во меч кој имааше неизвесна завршница.
Во Лос Анџелес, Лејкерси водеа на полувреме против актуелниот првак, но на крај Тандер победи убедливо со 131-108. Херој на вечерта беше Аџај Мичел, кој постави лични рекорди во кариерата во плејофот со 24 поени и 10 асистенции. Шај Гилџиус- Александар додаде 23 поени и девет асистенции за Тандер, кои сега имаат совршен скор од 7-0 во овогодинешните плејоф натпревари и 7-0 против тимот на Леброн Џејмс оваа сезона.
За Езерџиите, Леброн Џејмс постигна 19 поени, осум асистенции и шест скока, Остин Ривс имаше 17 поени и девет асистенции, но двајцата имаа лоша шутерска вечер. Со 21 поен прв стрелец кај поразените беше Руи Хачимура. Тимот на Лос Анџелес е ослабен поради отсуството на првиот стрелец Лука Дончиќ, кој ги пропушти последните 14 натпревари поради повреда на тетивата.
На Истокот, Кливленд го совлада Детроит со 116-109, намалувајќи ја негативата во серијата на 2-1. Донован Мичел го предводеше Кливленд со 35 поени и 10 скока, но Џејмс Харден кој заврши со 19, го имаше клучниот потег. При 110-109, тој погоди тројка на 25 секунди до крајот.
Кејд Канингем и покрај одличната трипл-дабл изведба (27 поени, 10 скока, 10 асистенции) загуби три топки по ред на крајот и финишираше со осум загубени топки. Тобијас Харис даде 21 поен за Пистонс, на кои им беше прекината серијата од пет победи по ред во плејофот.

