Чекаа над две децении за промоција во Серија А, сега итно ќе мора да го сменат сопственикот

Салернитана не пропушти шанса по третпат во клупската историја да биде член на Серија А и со победа од 3:0 против Пескара во последното коло во Втората италијанска лига му се прилучи на Емполи на патот кон Првата лига.

Екипата од Салерно заврши како второпласирана, зад Емполи, но и двете екипи се промовираа во нови прволигаши. Салернитана чекаше 22 години за повторно да биде дел од италијанската елита, а претходно само двапати беше прволигаш.

Сега се во незгодна ситуација и ќе мора до почетокот на новиот шампионат во Италија да ја сменат сопственичката структура. Моментно клубот го контролира контроверзниот сопственик на Лацио, Клаудио Лотито. Не е дозволено ист човек да има под контрола два клуба во ист ранг на натпревари, што значи дека ќе мора да има продажба на контролниот пакет на акции во Салернитана.

Последен настап на клубот формиран во 1919 година во Серија А им е во сезоната 1997/98 и претходно во 1946/47.

Во Серија Б дополнително ќе се играат бараж-натпревари за последниот трет би,лет што води во Серија А, а ќе биде многу интересно. Лече, за кого настапуваат нашиот репрезентативец Бобан Николов и поранешниот репрезентативец Леонард Жута чекаат противник во полуфиналето од баражот.

Во иста позиција е и Монца, клуб за којшто игра Марио Балотели, а во четвртфиналето ќе го почнат плејофот Венеција против Киево и Бреша со Читадела.

Победниците од овие натпревари ќе играат со Лече и со Монца, па ќе следи и финалето на баражот за последното место што води во Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести