Тренерот на Шкендија разочаран: Примивме наивни голови, неприфатливо за тим кој се бори за титула

Шкендија претрпе тежок удар во борбата за титулата откако на домашен терен во Тетово беше поразена од Башкими со 2-3 во 29-тото коло од Првата фудбалска лига.

Иако домаќините први дојдоа до водство преку Фабрис Тамба, гостите направија целосен пресврт уште во првото полувреме. Надежта за бод ја врати Бесарт Ибраими во вториот дел, но Шкендија не успеа да избегне трет сезонски пораз пред својата публика.

По натпреварот, тренерот Јетон Беќири беше искрен во анализата и призна дека тимот одиграл под очекувањата, особено во дефанзива.

„Овој пораз нè става во многу тешка ситуација бидејќи беше неочекуван. Во дефанзивниот дел одигравме многу слабо како екипа. Противникот нè казни трипати, а имавме и други ситуации каде што стоевме лошо, што е навистина загрижувачки“, изјави Беќири.

Тој додаде дека тимот не го исполнил планот, особено во одбраната.

„Ова е неприфатливо за тим кој се бори за титула. Мора детално да ги анализираме грешките со играчите. Не ми се допадна ниту борбеноста, ниту начинот на којшто го контролиравме резултатот по водството од 1-0. Фудбалерите и јас како тренер имаме одговорност, но јас ја преземам својата“, истакна тој.

Беќири се осврна и на проблемите на домашен терен, нагласувајќи дека тимот има тешкотии да се справи со противници кои играат на контранапади.

„Головите што ги примаме се евтини и наивни. Тим на наше ниво не смее да прима такви погодоци. Ќе мора да преземеме мерки“, додаде тој.

Во однос на психолошкиот момент, стратегот призна дека негативните резултати влијаат врз тимот, но верува дека може да следи реакција.

„Не станува збор само за овој меч. Веќе неколку натпревари имаме проблеми во одбраната и се гледа одреден замор и пад во концентрацијата. Ќе мора да работиме на тоа и да се вратиме што побрзо“, заврши Беќири.

- Оглас -

Најнови вести