Поранешниот селектор на италијанската репрезентација, Џенаро Гатузо, изјави дека е подготвен за работа во рускиот клупски фудбал доколку добие соодветна понуда.
„Би размислил за ангажман во Русија. Ми треба конкретна понуда за да ја разгледам. Мојата професија е тренер и ако се појави добра можност, подготвен сум да работам во еден од руските клубови“, неговите зборови ги пренесоа руските медиуми.
Гатузо неодамна ја напушти функцијата селектор на Италија откако Аѕурите не успеаја да се пласираат на Светското првенство во 2026 година по поразот во баражот од Босна и Херцеговина (1-1, пенали 1-4).
Четириесет и осумгодишниот стратег претходно има водено клубови како: Милан, Наполи, Валенсија, Олимпик Марсеј, Палермо, ОФИ Крит, Пиза и Хајдук Сплит.

