Чекаме поволна ждрепка, Македонија како домаќин е во првиот шешир за ЕП 2023!

Од 17 часот во Неапол ќе се изврши ждрепка за составот на групите на Европското првенство во одбојка за мажи, кое следното лето ќе се игра во Италија, Бугарија, Македонија и Израел.

На Европското првенство ќе настапат 24 репрезентации во четири групи, една од нив во Скопје, во арената „Борис Трајковски“ од 20 август до 6 септември 2023 година.

Како коорганизатори, сместени сме во првиот шешир, што е одлична стартна позиција за поволна ждрепка која ќе ни даде шанса да извојуваме некоја победа.

Македонските одбојкари трети пат по ред ќе играат на ЕП, а на свој терен ќе сакаат да го поправат впечатокот од Тампере лани, кога немаа ниту една победа.

„Си посакувам поволна ждрепка, особено да ги избегнеме фаворитите од четвртиот, петтиот и шестиот шешир. Минатото ЕП не победивме ниеднаш, овојпат на свој терен верувам во победи, зошто да не и пласман во следна фаза како круна на оваа генерација“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

Прв шешир: Италија, Бугарија, Македонија, Израел

Втор шешир: Словенија, Полска, Србија, Холандија

Трети шешир: Германија, Чешка, Франција, Украина

Четврти шешир: Турција, Финска, Белгија, Португалија

Петти шешир: Грција, Шпанија, Романија, Швајцарија

Шести шешир: Данска, Црна Гора, Естонија, Хрватска

- Оглас -

Најнови вести