Чеканите со два гола од прекин го освоија „Еланд роуд“, Алиоски играше едно полувреме (видео)

Вест хем ги освои бодовите на гостувањето кај Лидс на стартот од 12-тото коло во Премиер лигата со триумфот од 2-1 до кој Чеканите стигнаа на прилично едноставен начин.

За избраниците на Мојс беа доволни два прекини и два погодоци со глава на Соучек и Огбона за да остварат пресврт против екипата на Езѓан Алиоски, кој патем беше стартер и играше само во првото полувреме.

Клих донесе предност за домаќините уште во шестата минута погодувајќи од белата точка, а помалку од дваесетина минути подоцна Вест хем израмни преку Соучек кој беше највисок во скокот по изведениот корнер на гостите од Лондон.

https://twitter.com/Abdour_Razack/status/1337497821554085889

Долго траеше неизвесноста на „Еланд роуд“, во второто полувреме Чеканите беа многу поконкретни во нападите, меѓутоа одбраната на Лидс одолеваше до 80-тата минута. Повторно прекин, овојпат слободен удар кој го изведе Кресвел, заврши со точно нафрлување до Огбона кој со глава го комплетираше пресвртот.

Вест хем со победата стигна до петтото место на табелата со 20 бода, Лидс засега останува 14-ти со исто толку бода по 12 натпревари во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести