Челзи без најискусниот, но и Атлетико е десеткуван

Атлетико Мадрид и Челзи вечерва ќе се сретнат на неутрален терен во Букурешт, во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите, во кој Јорганџиите ја имаат улогата на домаќини.

Двете екипи се соочуват со проблеми во пресрет на средбата. Тијаго Силва уште е повреден и остана во Лондон, потврди менаџерот Томас Тухел. Бразилскиот ветеран ги пропушти претходните четири натпревари поради повреда во пределот на грбот и не успеа навреме да закрепне.

„Овој меч е како скроен за квалитетен играч како Силва, штета што вечерва нема да ни биде на располагање. Тој остана во Лондон да работи на закрепнувањето“, истакна Тухел во пресрет на дуелот.

Тимот на Диего Симеоне е уште пооштетен. Популарниот Чоло ќе мора да ја скрпи одбраната, во аут се дефанзивците Хименес и Врсаљко, Трипие е суспендиран, а недостапни поради повреди се и Караско и Ерера.

Дуелот е закажан во стандарниот термин од 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести