Неколку илјади луѓе се собраа на стадионот „Бицентенарио“ во чилеанскиот главен град Сантијаго за да учествуваат во размена на сликички за Светското фудбалско првенство кое точно за 10 дена ќе започне во САД, Канада и Мексико.
Чиле нема да биде дел од Мундијалот, но и покрај тоа, во земјата владее вистинска фудбалска треска за да се наполни албумот со самолепливи сликички пред почетокот на планетарниот собир. Луѓе од сите генерации, од најмало до најстаро се собраа на стадионот со една цел, да ги најдат сликичките кои им недостасуваат и да се сменат.
„Се сеќавам, во мое време се менувавме со сликичките само во училиште. Сега ја имаме оваа модерна технологија, можноста со телефоните да се договориме и сега е многу полесно“, рече еден од присутните.
На овој собир на менување на сликички присуствуваше и студентката Исидора Дијаз.
„Мојот брат го купи албумот веднаш штом се појави. Секаде купувавме сликички. Ова е супер идеја“, рече Исидора.

