Човекот кој го прероди Баерн издвои еден играч кој блесна во финалето

Ханс-Дитер Флик е тренерот кој неочекувано застана на чело на Баерн откако во текот на сезоната Нико Ковач доби отказ. Хрватскиот стратег си замина поради слабите резултати, а Флик првично беше донесен како привремено решение.

Сепак, дека токму популарниот Ханзи е вистинско решение за Баерн, се покажа во текот на сезоната. Стратегот на крајот го одведе Баерн до тројна круна и влезе во друштво на легендарни тренери, како Сер Алекс Фергусон, Пеп Гвардиола, Жозе Мурињо, Јуп Хејнкес и Луис Енрике.

По завршување на финалето во Лисабон и победата над ПСЖ, Флик посебно го пофали голманот на Баерн, Мануел Нојер. Токму Нојер беше последната пречка за убиствениот напад на францускиот првак, а со неколку одбрани капитенот на Баерн буквално ги откажа противниците.

„Темпото на мечот беше жестоко, а шанси имаше на двете страни. Ние го имаме најдобриот голман во светот и тој нѐ спаси во неколку ситуации. Многумина се чудеа како ќе се справиме со опасниот напад на ПСЖ, но мислам дека нашата одбрана беше на високо ниво кога најмногу требаше. Одигравме токму онака како што требаше“, рече Ханс-Дитер Флик.

Тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, вели дека едноставно знаел дека тимот кој прв ќе даде гол на крајот ќе се радува.

„Сега не можеме да го промениме резултатот. Уште пред да почне финалето, мислев дека првиот гол ќе биде решавачки. На крајот така и се случи. Ова беше финале во кое играа два силни тима и на крајот едниот победи само со еден гол разлика. Горд сум на менталитетот на мојот тим и начинот на којшто игравме на последните неколку меча. Што ни недостасуваше во финалето? Требаше први да дадеме гол. Убеден сум дека ако ние први погодевме, на крајот ќе се радувавме“, рече Тухел.

- Оглас -

Најнови вести