Човекот што ги откри мрачните тајни на организаторот на СП сè уште е во затвор во Катар

Човекот кој откри дека мигрантите што работеа на изградба на стадионите на кои сега се играат натпреварите од Светското првенство во Катар живеат во мизерни услови и властите се изживуваат врз нив и сокрија дека загинале повеќе од 6.000 работници, се наоѓа во затвор.

Семејството на Абдула Ибхаис, тврди дека тој секој ден е мачен во затворот.

Организацијата за човекови права „Фер Сквер“ го објави писмо од семејството на Абдула Ибхаис, поранешен менаџер за медиуми во Врховниот комитет на Катар, во кое ја обвини ФИФА дека го предала Ибхаис и молчи за неговиот случај.
„Фер Сквер“ повика работна група на Обединетите нации да интервенира во ослободувањето на Ибхаис, кој веќе три години се наоѓа во затвор.

Неговото семејство објави писмо што тој наводно го испратил пред четири дена во кое се вели дека „живее во целосна темнина во самица откако бил физички нападнат“ како казна бидејќи неговите информации за условите на нехуманите услови во кои
живеат и работат мигрантите, придонесоа да се сними документарниот филм „Катар: држава или страв?“.

„Тој се наоѓа во ќелија од два на еден метар со дупка во земјата што ја користи како тоалет, а температурите се многу ниски. Претходно беше тепан од затворските чувари, а поради студот, едвај спиел во последните четири дена“, пишува во дел од писмото.

Ибхаис беше затворен непосредно пред Врховниот комитет да негира дека работниците мигранти организирале штрајк поради нечовечките услови за работа и живот. Ибхаис пронашол 200 работници на стадионите „Едукејпн сити“ и „Ал Бајт“ кои немале вода за пиење и кои четири месеци не добиле плата. Катарските власти го нарекоа Ибхаис измамник и дека го смениле од функцијата поради наводни измами што ги правел преку социјалните мрежи.

„Фер Сквер“ ја обвини директно ФИФА дека намерно молчи за случајот на Ибхаис.
„Тој испрати порака директно до членовите на тимот за човекови права на ФИФА. Во еден момент тие само исчезнаа. Тие го напуштија“, изјави Николас Мекгихан од „Фер Сквер“.

- Оглас -

Најнови вести