Човекот со многу чудни фризури и малку фудбалски вештини ја прероди Селта

Едуардо Кудет имаше многу чудни фризури и покажа малку фудбалски вештини како играч на Селта во 2002 година, а одигра само девет натпревари за тимот од Виго, но сега впечатокот на шпанските медиуми е многу поинаков за популарниот Чачо.

Токму така, со чудните фризури го паметат и го опишаа во Шпанија како играч, а сега за него имаат само пофални зборови откако го прероди тимот на Селта како тренер.

Раководството на Селта точно пред еден месец презеде голем ризик со именувањето на Кудет како нов тренер за тимот по отказот за Оскар Гарсија.

И наместо неизвесност за Селта, па дури и црни прогнози за тешка битка за опстанок, клубот од Виго доби вистинско чудо со популарниот Чачо на клупата.

Имаат пет победи на пет меча со него како тренер, а примија само еден гол и постигнаа дури 16. Од тим што имаше само една победа во стартните девет кола и постигна само шест гола, Селта со Кудет како кормилар се трансформира во веројатно најатрактивниот шпански тим во моментов со четири победи по ред и 11 погодоци во таа серија, во мечевите од Ла Лига.

Ја победија и Ланера со 5:0 во меч од Копа дел Реј, а навивачите и сите во таборот на Селта се воодушевени од Кудет. Аргентинецот имаше и одлична фудбалска кариера.

Во два наврати играше за аргентинскиот гигант Ривер плејт и освои пет шампионски круни со нив, а беше член и на познатите тимови од својата земја, Сан Лоренцо, Розарио и Колон, а беше член и на Селта, потоа и на мексиканските тимови Некакса, Сан Луис. Кариерата ја заврши во САД како фудбалер на Форт Лодердејл страјкерс.

 

 

- Оглас -

Најнови вести