Реал Мадрид сезонава многу веројатно е дека ќе ја заврши без ниту еден освоен трофеј. Откако беше елиминиран од сите натпреварувања, Кралскиот клуб останува само да се бори за трофејот во првенството, но и таму не е во поволна ситуација затоа што заостанува девет бодови зад Барселона.
До крајот на првенството има уште седум кола, а освен тоа да се фокусираат на натпреварите, играчите на Реал најавија борба и на друг план. Играчот за врска на Реал Мадрид, Аурелиен Чуамени јавно порача дека тој и соиграчите ќе се повлечат од теренот, доколку на некој фудбалски меч повторно слушнат навреда на расна основа за Винисиус јуниор.
Винисиус веќе подолго време е мета на расна навреда, а Чуамени вели дека посебно се вознемирува кога ќе слушне расистички скандирања од трибините. Кулминацијата сезонава беше на мечот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лига на шампиони кога играчот на португалскиот тим, Џанлука Престијани наводно го навредил Винисиус, но тоа не може да се потврди, затоа што играчот на Бенфика ја имаше покриено устата со рака и не може да се открие дали нешто зборел.
„Вини на тој меч беше наречен мајмун. Наш следен чекор кога повторно ќе се случи такво нешто е да престанеме да играме. Нема да дозволиме тие сцени да се повторат“, рече Чуамени.
Следниот меч на Реал Мадрид ќе биде против Алавес на „Сантијаго Бернабеу“ на 21 април, во рамките од 32 коло на шпанското првенство.

